ВЕЗИЛКА2011
НАЈНОВО
ИСЛАМОТ, АТЕИЗМОТ И МОДЕРНОСТА
ОД СЛАВОЈ ЖИЖЕК
Издавачкото друштво Везилка2011 ја објави најновата книга на познатиот светски филозоф и еден од најпопуларните современи мислители Славој Жижек, која носи наслов "Исламот, атеизмот и модерноста". Книгата, чијшто поднаслов е "Некои бласфемични рефлексии" содржи пет есеи посветени на збиднувањата во светот во тековнава година, по нападот врз француското сатирично списание ,,Шарли Ебдо". Насловите на есеите говорат за преокупациите на Жижек: Исламот како начин на живот; Од глобализацијата до универзализмот; Поглед во архивите на исламот; Кон материјалистичкиот поим на Бога и Боженскиот нагон на смртта.
Книгата "Исламот, атеизмот и модерноста" е прва објава на Славој Жижек на македонски јазик и може да се набави во книжарниците "Или-или", "Табернакул" и "Матица".
„ПОКРАЈ ЕЗЕРОТО“ од БЛАГОЈА ИВАНОВ
Во издание на „Везилка 2011“ излезе од печат романот „Покрај езерото“, најново дело на македонскиот писател Благоја Иванов.
„Покрај езерото“ на Благоја Иванов, како што забележува во поговорот Ристо Лазаров, ги допира сите прашања на нашата живеачка, ги открива најсуштествените пластови на една временска отсечка од речиси седумдесет години.
„Почнува меко, речиси нежно, за да се распламти во сета жестина. Би се рекло: какво време - таков роман. Роман кој сите прашања, сосе мудрите песни на Конески, ги остава во туѓина. Роман кој нè предупредува дека смртта не била само точка, дека зад не остануваат и ајле големи прашалници. Покрај езерото - тоа е романот што и недостасуваше на нашата литература, овде и денес“, пишува Лазаров во поговорот за новото дело на Иванов.
„Куќа на сеќавањата“ од Филип Давид на македонски јазик
Романот на познатиот белградски писател Филип Давид „Куќа на сеќавањата и заборавот“, само месец и пол откако ја доби престижната награда на неделникот „НИН“ за роман на годината, се појави на македонски јазик.
Издавач е „Везилка 2011“, а преводот на македонски јазик го направи писателот Ристо Лазаров, кој е автор и на поговорната белешка.
Романот „Куќа на сеќавањата и заборавот“ веќе се преведува и ќе биде објавен во сите екс-југословенски центри, а најавен е и превод на повеќе од десетина јазици во светот. Во Белград романот предизвика огромен интерес и доживеа извонреден успех и четири изданија во вкупен тираж од над 50.000 примероци.
„Куќа на сеќавањата и заборавот“ е одличен роман, напишан едноставно и говори за трагичната судбина на Евреите и мрачните времиња на Холокаустот, концентрационите логори, нацизмот и фашизмот, низ потресните приказни кои, маестрално компонирани, затвораат еден круг на злото. Романот е, всушност, литературно сведоштво за мрачните времиња и злото.
„Kуќата на сеќавањата и заборавот“, како што забележува во поговорот Лазаров, конечно го ситуира Филип Давид таму каде што му е местото, меѓу добитниците на престижната награда на „НИН“, веднаш до неговите најдобри другари и браќа по перо - Данило Киш, Борислав Пекиќ и Мирко Ковач. Сo тоа уверливо се потврди постоењето на големата четворка во екс-југословенска литература: Киш, Ковач, Пекиќ и Давид.
Нова книга на Ристо Лазаров: „Врежанки белградски“ за вителот на распаѓањето
По минатогодишната книга "Врежанки" писателот Ристо Лазаров деновиве ја објави и книгата прозни записи "Врежанки белградски", во која централно место заземаат настаните поврзани со распаѓањето на СФРЈ.
Како што забележува Глигор Стојковски, автор на поговорот, овие врежанки на Лазаров за травматичниот почеток на деведесеттите ја отвораат реалноста ("безмилосно проста и јасна", како што веќе ја беше дефинирал Конески) - политичката, воената, националната... речиси секогаш на "микро" план, далеку од големите стратези и потези, но со сета драматичност, тегобност и трагичност кои како голем бран ќе ја покријат целата територија на тогашната држава. Всушност, продолжува Стојковски, "Врежанките" се натопени со многу чувства, но тие редовно се подзаскриваат, ним Лазаров не им дозволува да го освојат просторот во приказната (или ако сакате во расказот, зашто секоја "врежанка" е безмалку самостоен расказ, со свои ликови, со свое дејство, со своја порака) туку ги пушта толку, колку да ги направи сочни и спонтани, колку да се насети неговиот буен, импулсивен темперамент.
Од своја страна, Ристо Лазаров својата книга, која содржи 50 записи, ја означува како едно можно свртување кон минатото, еден можен извор или изворче на нова надеж, при што секој сам си го прави кладенецот. Тој најавува продолжение на записите што ги објавува под наслов "Врежанки".
© Везилка2011 2015 | Контакт