РОМАН СО ИДНИНА

По врвиците на тнр. стварносна проза, Благоја Иванов го изнесува својот најнов роман Покрај езерото, кус по обем, но со дејство на долго паметење.

Долго се памети приказната (и судбината) на неговиот главен јунак Никола, сите негови животни радости и таги, кревања и паѓања - од лулка до гроб. Соочени сме со мошно сериозно и конзистентно дело кое длабоко проникнува во нашите најгорливи општествени вриежи, во причините и „логиката“ на дереџето на кое сме дојдени. Во романескниот тек, навидум спокоен, а кој предизвикува редица емотивни гејзери, се вкрстуваат неколку животни приказни на едно семејство. Никола е жив споменик на самотничкиот семеен крај, на претворањето на живеачката во една голема празнина.

 

Не е тоа „жалба за младост“ ами болно соочување со тревожноста на стварноста, во која се испревртени сите вредности, во која се израстурува живеачката, во која и сеќавањата не се за машала, тие се повеќе утеха и храна на современите кошмари, а иднината се спомнува како пропагандно лижавче.

 

Самотијата, гледаме во Покрај езерото, го јаде главниот јунак. Ама, гледаме, исто така, дека човекот не е единствен осаменик во општествената бездна. И државите можело да бидат осамени, штоако водачите си мислат дека се најдобри и најубави -пред огледалата на сопствените заблуди. Среќата е, беше речено, речиси стаклена: се парампарчосува тамам кога почнува да сјае. Главатарите, обично, тоа послeдни го дознаваат.

 

Самотијата има разгранети корени: првин пристојни работни кариери, пристоен и спокоен живот, радоста на живеењето - мажачки, женачки, свадби, новороденчиња - па струполување во канџите на транзицијата, лебдење низ траумите на новото време, саде неизвесности, умирачки, селидби на најблиските во туѓина. Речиси. општонародно препознавање на лошата судбина, судбината преточена во лоши сенки.

 

Покрај езерото се разбрануваат далгите на тага на нашиот народ, но маваат и големите бранови на пркос, протест, непомирување со судбината - сеедно што часовникот на годините веќе има старечки ритам.

 

Ова е роман со отворени очи. Љубопитно гледаме сè што се случува пред нас, некои од јунаците ги препознаваме, со некои сме пиеле кафе, со некои сме на „ти“, со други сме ја делеле ладовината на познатите скопски липи во некој од дворовите во градските населби. Наши сме си, демек, втурнати во многу привиди. Само самотијата и празнината не се привид и таму сите нас нè чека само едно, тегобно прашање: што ќе биде со нас? Што и пак - што ќе биде со нас? Среде оваа проклета цепнатина од безмилосно двоење меѓу луѓето. Кога не е важно да ги видиме нештата, туку како ги гледаме и луѓето и нештата, како се обоени, каква мисла носат в глава. Жив доказ дека секаде има будали и расипани, секаде има вжештени глави – ама ни сме толкави колкави што сме, секој го познава секого, тешко се наоѓа пусија за да се скријат будалите и недоветните.

 

Чаре? За жал, сè почесто како во древните римски времиња: да се напушти татковината, тадури и животот, како што се напушта театарот кога претставата не ни се допаѓа. Таа судбина го снаоѓа и единецот на главниот јунак Никола, кој, со семејството среќата ќе ја најде во туѓина. Никола долги години ќе го црта кругот на својата осаменост во викендичката покрај езерото, во Лагадин. Има покрај езерото и птичји пев, блескаво сонце, расцутени цвеќиња, волшебни залези... арно ама, кај можела осаменоста спроти нив?

 

Со скриена страв дека го затвора осаменичкиот круг, главниот јунак заминува на кратко, на гости кај синот во туѓина, ама за секој случај, сетики да му се најдат, во багажот понесува и парче езерска глетка. Така одат нашинците, млади и стари, во туѓина: секогаш на кратко, привремено и секогаш остануваат таму за вечни времиња.

 

На толку малку простор, без барокно красење и расипничко расфрлање на зборовите, со мајсторска лапидарност на изразот, романот Покрај езерото на Благоја Иванов ги допира сите прашања на нашата живеачка, ги открива најсуштествените пластови на една временска отсечка од речиси седумдесет години. Почнува меко, речиси нежно, за да се распламти во сета жестина. Би се рекло: какво време - таков роман. Роман кој сите прашања, сосе мудрите песни на Конески, ги остава во туѓина. Роман кој нè предупредува дека смртта не била само точка, дека зад неa остануваат и ајле големи прашалници.

 

Покрај езерото - тоа е романот што толку и недостасуваше на нашата литература, овде и денес. Роман со иднина.

 

Ристо Лазаров

 

 

СРЕДЕ ВИТЕЛОТ

Како да беше речено дека не може двапати да се вратите / во едно исто минато – напиша Ристо Лазаров во песната Сепак се врти, објавена во 2013 година во неговата поетска книга Светилничар. Една година подоцна ја стави на проверка дилемата во цитираниот стих: се врати во минатото (во сопственото, а преку него и минатото на многу современици...), го извади од сеќавањата и го стави на увид на јавноста (во книгата „Врежанки“, 2014). Собирњето на сеќавањата некогаш е забревтано препишување на животот, забележа во Воведната белешка. Забревтано или смирено, сеедно, важно е дека соб(и)раните сеќавања на Ристо Лазаров нѐ вратија сите во – истото – минато, меѓу истите луѓе со кои ги живеевме тогашните години од нашите животи – во литературата, во кафеаните, во театрите, во редакциите, на фестивалите... Во истите состојби – книжевни, политички, општествени – во кои ја обезбедувавме нашата егзистенција, ги формиравме нашите се¬мејства, го градевме сопственото творештво. Врежанките на Лазаров нѐ вратија во сопствените животи, некои веќе заокружени, некои продолжуваат да се заокружуваат, и едните и другите во фаза на проценка на нивната исполнетост.

 

Во македонската лутература речиси ги нема, или барем ги има скудно, книгите со идентична содржина. Во 1988 година тогашната „Македонска книга“ објави слична, но и прилично, различна книга со наслов „Дневник по многу години“. Од Блаже Конески. Атмосфетата која „Дневникот“ на Конески тогаш ја создаде во писателските кругови многу потсетува на атмосферата која сега ја создаваат „Врежанките“ на Лазаров: Конески љубопитството го предизвика со лирско-рефлексивните записи на неговите доживувања, кај Ристо го бараме она што Анте Поповски за неговата поезија го нарече „залагање за сегашноста осудена на постојани и непредвидливи мени“, но и она што го нотира Милан Ѓурчинов – „хумор убоит во однос на заспаноста и комодитетот на духот, ... субверзивен (поет) во однос на граѓанските реликвии и норми на застоеното и комфорно живеење“. Но, ниту Конески понуди „класичен“ дневник, ниту Лазаров има таква намера. „Јас никогаш не сум водел дневник“, пишува Конески во предговорот на својот „Дневник“. „Таков навик не се беше создал во мене. Сепак си реков дека отворената форма на дневникот дава можност да се запише денеска нешто што останало некогаш, како хроника да се води без оглед на дневниот тек на настаните. Се заборавиле имињата и местата, се изумиле датумите, се смешале годините, па и децениите, и така станува интересно да се види што се задржало во споменот од она што би можело да биде вклучено и во еден дневник воден од ден во ден. При таков пристап е појасно што било важно за хроничарот, па се вселило трајно во неговата душа – некаква импресија, некаков лирски подем, некакво размислување, некаква случка“. И Лазаров на повеќе места нагласува дека никогаш не водел дневник, нему му се „сосем достатни записите и сеќавањата такви какви што биле и останале.“

 

И Илја Еренбург не водел дневник, но ја напишал четиритомната хроника на Париз, Брисел, Берлин, Москва, Мадрид... во првите четири деце¬нии на дваесеттиот век, не испуштајќи речиси ниедно позначајно име... „Ќе раскажувам за многу луѓе кои ги познавав – за политичари, писатели, уметници, сонувачи и авантуристи“. И: „Никогаш не сум водел дневник. Немам намера да пишувам систематски за минатото...“ туку она што го запаметил за него. И денес по повеќе од половина столетие неговите „Луѓе, години, живот“ подеднакво ги освојуваат новите читатели кои со иста жед ги впиваат (нео)бичните, (не)секојдневните, (не)познатите (не)можните доживувања и уметнички и животни судбини на (нај)големите творци во Европа во драматичните децении обележани со две светски војни.

 

Драматични години обележани со војна и со распаѓање на дотогашната заедничка држава се случија во последната деценија на претходниот век, години кога Лазаров е „на служба“ во Белград. Главниот град на Југославија е „тема“ на втората книга врежанки која доаѓа една година по првата и која целосно е посветена на луѓето, доживувањата, идеалите, занесите на седумдесеттите и осумде¬сеттите, на сопствените книжевни почетоци и потврдувања и на општествените ангажмани присутни во толкав обем што слободно би можеле да се наречат еден засебен, бурен, исполнет живот. Оттука, веројатно, и потребата на Лазаров на „белградските години“ да им ги посвети „Врежанките белградски“, секако, не само како одговор на (југо)носталгијата („зошто носталгијата на старите скопјани, на пример, е за фалба, а југоносталгијата за кудење?“), туку како искрен внатрешен повик да се фиксира суштината на сопствената улога во прифаќањето на „духот на времетото“ и сопствениот ангажман во неговите доосмислувања, надградба, корекции, дополнувања. Не само во овие записи, иако во нив, можеби, најизразено, Лазаров е речиси во постојана, отворена, полемика со сегашните, напати, површни и помодни, редовно мотивирани од прагматични политички импулси, одрекувања на сѐ што било некогаш, во зедничката држава, без најмал обид и желба да се направат некакви разлачувања, да се оддели житото од каколот, да се покаже доблест за малку повеќе реалност и објективност. „Времето веќе кажа некои работи, и уште ќе кажува“, вели тој со мала доза сатисфакција за својот став кон минатото (и сопствено и заедничко), сосем отворено прашувајќи дали да се откаже од – Оскар Давичо, Јуре Каштелан, Предраг Матвеевиќ, Матија Беќковиќ, Брана Петровиќ, Изет Сарајлиќ, од Десанка Максимовиќ, Миодраг Павловиќ, од Томаж Шаламун, Нико Графенауер... затоа што „веќе ја нема државата во која заеднички живеевме?“, што, по истата логика, би значело да се откаже и од Енценсбергер, Гинзберг, Одн, Алберти... Ниту мислел ниту мисли да се откажува зашто „никој не видел ништо лошо од стар пријател“. Пријателствата се чини го преокупираат најмногу - веројатно доѓаат веднаш по семејството и работата; семејството во „Врежанките“ се споменува ретко (во „белградските“ само со кусата, горчлива, реченица кога синот го прашува дали некогаш ќе имаат обичен семеен викенд), работата многу почесто, и тогаш кога работи во Скопје, но кога за македонските работи се разговара во Белград, и кога работи во Белград но македонските работи секогаш се преплетуваат со – сојузните. „Врежанките“, секако, не се книга, само, за пријателствата, но бројните, искрени, дружења, разните ситуации кога тие доаѓаат до израз, кога се прават гест-два (случајот со мајката на Горан Бабиќ, или со дописникот на Танјуг од Рим, покрај другите), или кога се изговараат збор-два, со големите новинарски имиња на Агенцијата, или при прошетките со Владо Камбовски, тогашниот сојузен министер за правосудтво, по Кнез Михајлова, двајцата со големо бреме на плеќите, се најтоплите места во нив.

 

Ристо Лазаров Белград не го прикажува само како град во кого убаво поминал убав дел од младоста, а потоа и се реализирал во важни професионални ангажирања, кои денес се составен дел на неговиот личен идентитет, туку маркира и некои негови посебности кои се важни за приказните кои ги раскажува. На пример, кусо, но доволно ги објаснува Калемегдан, Ада Циганлија, Дунав – како простори на кои се одвиваат дел од настаните, и, особено, кафеаните, како места во кои се одвива поголемиот дел од нив. Па така дознаваме дека во Белград секој еснаф си има свое сврталиште, дека едни новинари, писатели, актери, уметници одат во една кафеана, други во друга, потоа МПЦ (Меѓу¬народниот пеес центар на Танјуг), па „Бермудскиот триаголник“, се разбира, Скадарлија. Ги спомнува нив за да го осветли малку повеќе друштвениот, „социјалниот“, живот во градот, но многу повеќе, се чини, да го допре, макар само со прст, познатото белградско боемство, кое му е многу блиско.

 

Драматичното распаѓање на државата во деведесеттите години се чувствуваше во целата држава, но Лазаров ја има привилегијата да го преживува во неговата срцевина – како директор на Телеграфската агенција на Југославија, чии телепринтери надвиснувањето на темните облаци ги регистрира побрзо од сите други државни институции. Епицентарот на крупните историски случувања е токму Белград, од каде потоа во концентрични кругови се шират низ целата територија, на пример, „генералната проба“ на распаѓањето – митинзите, демонстрациите, тенковите по белградските улици, а потоа и на неговата практична реализација – отцепувањето на двете северни републики, како вовед во воениот расплет во Хрватска и во БиХ, најкрвав по Втората светска војна. Секако дека се напишани многу текстови, книги, снимени се и филмови за ужасните боишта на некогашната братска заедница – но едноставните, куси, ефектни прикази на Лазаров, како мини-сцени од огромната, мрачна, густа претстава, која со голема брзина ја најавува бездната во која набрзо ќе се струполат неколкуте децении заеднички идеали на здружените народи – се танјуговски убедливи, во нив отворено се следат смислените потези на главните играчи, но и спонтаните бранови кои се поттикнати од нив и кои повеќе ниту некој може да ги контролира ниту да најде смисла во нив. Врежанките на Лазаров за травматичниот почеток на деведесеттите, ја отвораат реалноста („безмилосно проста и јасна“, како што веќе ја беше дефинирал Конески) – политичката, воената, националната... речиси секогаш на „микро“ план, далеку од големите стратези и потези, но со сета драматичност, тегобност и трагичност кои како голем бран ќе ја покријат целата територија на тогашната држава.

 

Така звучи реалноста на не-многу-далечната историја во „Врежанките“ на Лазаров, но сите кои тогаш ја доживувавме и преживувавме не ни се чинеше многу едноставна, уште помалку јасна. Таква ја направила времето што нè дели од неа, но и начинот на кој Лазаров ни ја оживува, а имено – преку настаните кои се случуваат околу него, кои се одразуваат во работата која е обврзан да ја извршува, врз луѓето со кое непосредно, пријателски и профе¬сионално, е поврзан. Затоа овие описи на матното време, како контрапункт на претходното, на времето на младешките игри, другарувања и работни акции, се прифаќаат со читателско соживување, во нив се насетува и загриженост, и страв, неизвесност, револт, разочарување, но и нескриена радост и гордост од успешниот референдум во Македонија, или од погрешната проценка на Добрица Ќосиќ дека Македонија, „ако работите тргнат во таа насока ќе ја снема за десетина години“. Ристо не може да додржи во следната реченица веднаш да констатира: „Од муабетот, да потсетам, помина речиси четврт век – ваков таков, ама четврт век што ја побива прогнозата на Ќосиќ“. Всушност, „Врежанките“ се натопени со многу чувства, но тие редовно се подзатскриваат, ним Лазаров не им дозволува да го освојат просторот во приказната (или ако сакате во расказот, зашто секоја „врежанка“ е безмалку самостоен расказ, со свои ликови, со свое дејство, со своја порака), туку ги пушта толку, колку да ги направи сочни и спонтани, колку да се насети неговиот буен, импулсивен темперамент. И колку да го освои читателот со отвореното, живо, богато минато, и кога било убаво и кога било малку убаво. Зашто, „времињата и кога се тешки, тегобни, сепак, остануваат врежани во сеќавањата, создаваат – врежанки !“

 

Глигор Стојковски

20. 11. 2014

 

 

МЕЃУ СЕЌАВАЊАТА И ЗАБОРАВОТ - НЕЗАБОРАВЕН РОМАН

Книгата на сеќавањата и заборавот, конечно го ситуира Филип Давид таму каде што му е местото, меѓу добитниците на престижната награда на НИН, веднаш до неговите најдобри другари и браќа по перо - Данило Киш, Борислав Пекиќ и Мирко Ковач. Се потврди, значи постоењето на големата четворка во екс-југословенска литература, а големи четворки, знаеме и на другите висови на живеачката во она време, кое Живоин Павловиќ, споредувајќи го со ова сегашново, го беше нарекол ,,Периклово доба". Наспроти сè.

 

Знаменитиот Исак Сингер, нека биде цитиран еден од великаните меѓу сонародниците на Филип Давид, беше бил рекол дека уметноста се базира на помнењето. А животот - само на сеќавања ли се потпира? Заборавот, каде е? Може ли да има само сеќавања, без заборав? Може ли, од друга страна, да има заборав за злото и за злосторството? Каков е животот меѓу сеќавањата и заборавот - распослан или стуткан? Каква е смртта меѓу сеќавањата и заборавот? Прашања - недоброј. Филип Давид нив ги поставува отворено, жестоко, речиси во разголена форма. Не, ни случајно како неутрален регистратор. Особено кога станува збор за злото и злосторството. Филип Давид потсетува на поимот „баналност на злосторството“ што го воведе Хана Арент по судењето на Ајхман во Ерусалим, што би требало да сугерира дека холокаустот веќе никогаш нема да се повтори. Наспроти ваквото становиште на Арент, во Куќата на сеќавањата и заборавот во уште поизострена форма се поставува прашањето за траењето на злото и злосторството, без дилеми дека холокаустот и злосторствата од слични размери никогаш не смеат да се заборават. Да се разбере, значи да се оправда - вели еден попатен јунак во романот. Во овој контекст поинаква специфична тежина добива и прашањето од животно значење: да се негува сеќавањето или заборавот. Главниот јунак на Филип Давид Алберт Вајс недвојбено се определува за сеќавањата, што значи и за сочувување на сопствениот идентитет, што значи дека колку и да се морничави сеќавањата на холокаустот, тие не смеат да се заборават. За никогаш да не се повторат, дотолку повеќе што текот на историјата не дава бланко гаранции за ништо.

 

Книгата на сеќавањата и заборавот се чита со морници и трпки, со трескотна вознемиреност. Како ракопис на болот, или како болка на ракописот. Во маестрално затворениот раскажувачки круг, авторот, низ вратата на болните сеќавања, не воведува во редица потресни приказни, откорнати од животот. И од сеќавањата како начин на живот. Алберт Вајс од најрано детство си го нарамува товарот (и проклетството) на вината за судбината на помалиот, двегодишен брат кој нему му е доверен на чување, а не успеал да го дочува. Феноменот на преземањето на самовината во романот се испреплетува со феноменот за вината на монструозните креатори на холокаустот. Затоа и ова излегување на мегдан со злото и злосторствата е и своевидно враќање на долгот кон понижените, а невини. И категоричко „стоп“ за современиците заинати назад, кон минатото, со ниет да ги доѕидуваат ѕидовите на злосторството. Оние кои ја почувствувале горчината на судбината да бидат ништо во градот (и во животот) што им значи сé, немаат (и немаат право да имаат) илузии дека злосторството е ставено под контрола со тоа што сме му дале чисто човечки лик. Тие немаат право само на горчливи сеќавања. Имаат и други права, аи обврски кон сопствената судбина, но и судбината на идните поколенија.

 

Да, овој потписник е целосно согласен дека Куќа на сеќавањата и заборавот на Филип Давид е еден од најавтентичните романи во новата српска книжевност, четиво какви што долги години не тргнало со толкава внатрешна енергија да ги освојува читателите на многу јазици ширум светот. Сега ни е лесно да кажеме: тоа е и очекувано од писател од маштабот на Филип Давид. Сето друго, маката на таа распнатост меѓу сеќавањата и заборавот, си ја знае тој самиот.

 

Навистина има право Кундера кога раскажувањето го поистоветува со сеќавање. Тука станува за мајсторско раскажување, што се вели за сите читатели, што уште повеќе ја извишува вертикалата на ова големо дело.

 

На младини слушавме: заборави, ако можеш! Ама не можеш!

 

Меѓу сеќавањата и заборавот, капата долу за овој незаборавен роман на Филип Давид.

 

Ристо Лазаров